top of page

Човек со демони

ПРИКАЗНИ ЗА НАДЕЖ: ДЕН 6

Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него.

ЛУКА 8:26-39 MK2006 (Библија)

26 И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. 27 А кога излезе Тој на суво, Го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони и долго време не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите.

 

28 Кога Го виде Исус, викајќи падна пред Него, и гласно рече: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!“ 29 А Исус му беше заповедал на не­чистиот дух да излезе од човекот, зашто долго време го мачеше. Го чуваа во окови, и со ланци го врзуваа, но тој ги раскинуваше оковите и демонот го тераше да оди во пусти места.

 

30 А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?“

 

Тој одговори: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него. 31 И Го молеа Исус да не им наредува да одат во бездната.

 

32 А таму, по ридот, пасеа многу сви­њи; па Го молеа да им допушти да вле­зат во нив.

 

И им допушти. 33 И откако излегоа лошите духови од човекот, влегоа во свињите; и крдото се стркала низ стрмнината и се удави во езерото.

 

34 Свињарите, кога видоа што се слу­чи, избегаа и раскажаа по градот и око­лината. 35 И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исус, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се исплашија. 36 А оние што беа виделе, им рас­ка­жаа како се излечи бесомачениот. 37 Сиот народ од Герасинскиот крај Го замоли да си оди од нив; зашто се беа уплашиле многу.

 

И Тој влезе во ко­ра­бот и се врати. 38 Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Не­го; но Исус го отпушти, велејќи: 39 „Врати се во домот свој и рас­ка­жу­вај што ти направи Бог!“ Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус.

ПРАШАЊА

ЗА НАС:
  • Каков беше животот на овој човек?

  • Дали ова е слично кога живееме со грев?

ЗА БОГ:
  • Каква разлика имаше кај човекот од кога Исус го исцели?

  • Што му рече Исус на човекот дека треба да прави?

ШТО СЕГА:
  • Какво значење има ова за мене?

  • Со кого треба ова да го споделам?

bottom of page